среда, 9 октомври 2024

33 години самостојна држава Македонија

Македонија денеска го празнува 8 Септември, Денот на независноста. Триесет и три години минаа од историската одлука Македонија да тргне по својот пат, како самостојна и независна држава, што беше сон на сите генерации. Годините поминати потоа, носеа многу предизвици и искушенија, државата помина низ повеќе кризи, а амбициите да стане силна и економски моќна држва остануваат неостварени. Денеска Македонија е членка на НАТО, но која е останата и натаму на тешкиот, трнлив и неизвесен пат да стане дел од семејството на Европската Унија. Под слоганот „Заедно се бориме, заедно ќе успееме!“, празникот денеска ќе биде одбележан во организација на Владата.

Објавено на

часот

Сподели

Според програмата, Свечена академија ќе се одржи во Македонската филхармонија во Скопје. Свеченоста ќе започне со изведба на македонската химна од страна на детски хор, по што ќе биде прикажан видео спотот „Везилка“ со изведба на песната од Блаже Конески.  Програмата ќе продолжи со изведби на дела од македонски автори поврзани со оваа тематика од страна на државниот џез оркестар.

Во рамките на свеченоста ќе биде прикажан и специјално подготвен пригоден видео спот од прославата на независноста кое вклучува архивски материјали од Референдумот во 1991 година.

На крајот од свечената програма, со говор ќе се обрати премиерот, Христијан Мицкоски.

Настанот, како што најавуваат од владината прес-служба, е дел од пошироката иницијатива на Владата за подигање на свеста за значењето на независноста и заедничката борба на граѓаните за подобра иднина.

По повод одбележувањето на 8 Септември – Денот на независнота , собраниска делегација предводена од потпретседателката Весна Бендевска, составена од пратениците Каролина Насковска и Митко Трајчулевски, денеска ќе положи венци свежо цвеќе пред вечното почивалиште на првиот претседател на Републиката, Киро Глигоров, вечното почивалиште на поранешниот претседател на Републиката, Борис Трајковски, вечното почивалиште на првиот претседател на Владата, Никола Кљусев и пред Споменикот на паднатите борци на НОБ.

Активностите стартуваа синоќа со почесна артилериска стрелба со истрелување на 10 плотуни од артилериски орудија од состав на артилерискиот баталјон на Армијата, во касарната „Илинден“ во Скопје.

 

На свеченост во Собранието вчера на спортскиот работник, тренер и претседател на Таеквондо федерацијата на Македонија, Борче Костовски, му беше доделана годинашната награда за животно дело „8 Септември“. Најголемиот успех Костовски го постигна како тренер на олимпиецот Дејан Георгиевски, кој го освои сребрениот медал на Олимписките игри во Токио во 2021 година.

Покрај Костовски, Одборот за доделување на државната награда „8 Септември“ им додели признанија за остварувања во областа на спортот и на Мирко Димчевски, Рамадан Шабани, Зоран Бошковски и Димитар Јованов.

Претседателот на Собранието Африм Гаши на приемот што го организираше во Законодавниот дом по повод 8 Септември – Денот на независноста, завчера порача дека не постои поважен момент во историјата на една земја од нејзината самостојност.

„Затоа секогаш кога доаѓа 8 Септември се враќа емоцијата на задоволство и гордост што роденденот на оваа земја го одбележуваме во мир, во соживот меѓу различните народи кои живеат во оваа земја, во добрососедски односи и во сигурни патишта кон подобра развојна и евроатланстска перспектива“, истакна Гаши.

Собранискиот спикер нагласи дека секој има своја заслуга и свој придонес за овие достигнувања, посочувајќи оти не треба да бидеме ниту нихилисти, ниту дефетисти.

„Како и да е Северна Македонија во својот 33. роденден е земја-членка на најмоќната безбедносна Алијанса како што е НАТО, со што се гарантира мирот на нејзините граници што е исклучително важно за секој проект додека е на добар пат да се приклучи и на најуспешната унија на демократија, мир, човекови права и благосостојба како што е Европската унија. Ова е повод како граѓанин на оваа држава, а уште повеќе како политичари на оваа земја, денеска да направиме една ретроспектива на она што сме го сториле, што сме можеле да го сториме и што можеме да го сториме секогаш во духот на тоа што рекол Џон Кенеди „Не прашувај се што сторила твојата татковина за тебе, туку прашувај се што си сторил ти за твојата татковина“, рече претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Пред 33 години на денешен ден, над 95 проценти од граѓаните на референдум се изјаснија за самостојна и суверена држава. Претходно, на 25 јануари 1991 година, беше усвоена Декларацијата за независност од првото повеќепартиско македонско Собрание, а два дена подоцна пратениците го избраа Киро Глигоров за прв претседател на самостојна и суверена Република Македонија. Важни чекори за утврдување на државноста беа усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година, монетарното осамостојување и  воведувањето на денарот на 26 април 1992, формирањето на сопствени вооружение сили. Меѓународно-правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година, кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, беше примена како 181. полноправна членка на Светската организација. Поради противењето и притисоците од страна на Грција, која не го прифаќаше уставното име на Република Македонија, зачленувањето во ОН беше под привремената референца: Поранешна Југословенска Република Македонија.

Низ 33-годишното самостојно опстојување, државата помина низ низа проблеми и тешкотии. Троцифрената инфлација на почетокот на 90-те години, грчкото ембарго, косовската бегалска криза и конфликтот во 2001 година беа вистински предизвици и закани за младата македонска држава што го забавија нејзиниот пат.

Спорот со Грција поради името, по долгогодишни разговори под покровителство на Обединетите нации, беше решен на 17 јуни 2018 година во Преспа со попишување договор меѓу двете држави. Со тоа се отвори патот на земјава кон НАТО и ЕУ. На 27 март 2020 година Северна Македонија стана 30 членка на НАТО, но патот кон ЕУ остана и натаму неизвесен, овојпат поради блокадата од Бугарија.

Македонија и по 18 години од почетокот на процесите со ЕУ и 15 години по добиената препорака за почеток на преговорите, останува во чекалната на Брисел.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ